
Од регулатива до резултати – заедно кон подобар систем за управување со отпадни масла
Еко Флуид во Велес организираше стручна работилница посветена на примената и понатамошното унапредување на системот за управување со отпадни масла.
На работилницата учествуваа претставници од Секторот за отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање и државни инспектори за животна средина од Државниот инспекторат за животна средина.
Работилницата се одржа повеќе од две и пол години по започнувањето на примената на законските обврски за управување со отпадни масла и претставуваше можност за отворена стручна дискусија за досегашната примена на регулативата, практичните предизвици и можностите за подобрување на системот.
Посебно внимание беше посветено на усогласеното известување, транспарентноста и следливоста на отпадните масла, од нивното создавање до собирањето и третманот. Во дискусијата беа опфатени и дигитализацијата на административните постапки, начинот на пријавување на количините, размената на податоци и можностите за поефикасен инспекциски надзор.
Еден од важните аспекти на дискусијата беше потребата од усогласен пристап и јасно дефинирани податоци во различните фази на системот. Со оглед на тоа што во управувањето со отпадните масла се вклучени повеќе институции и субјекти, квалитетот и проверливоста на податоците се од суштинско значење за целосно следење на тековите на отпадните масла.
Дигитализацијата беше разгледана и како можност за дополнително унапредување на системот преку намалување на административниот товар, олеснета размена на информации и подобра контрола на податоците и тековите.
Целта на работилницата беше преку отворен дијалог и размена на практични искуства да се идентификуваат клучните прашања и да се разгледаат решенија кои можат да придонесат кон поефикасен, транспарентен и проверлив систем за управување со отпадни масла.
За Еко Флуид, ваквите иницијативи се дел од континуираната заложба за соработка со институциите и учесниците во системот и создавање услови за негово понатамошно унапредување.
Од регулатива до резултати – преку дијалог, координација и заеднички пристап.


