Бизнис Форум-„Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“.

2026-07-06 12:00:00

Eко Флуид, преку својот извршен директор  г. Бесник Адеми,  учествуваше на првата работилница  „Иновации, дигитализација и зелени инвестиции за отпорност“ , која се одржа во рамки на високиот Бизнис форум  „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“.


Во своето обраќање, г. Адеми истакна дека одржливоста денес не е само законска обврска, туку стратешка определба која создава долгорочна вредност и конкурентска предност.


„Во нашето работење, покрај законската рамка за проширена одговорност на производителите, ги применуваме принципите на ESG, циркуларната економија и Европскиот зелен договор. Не затоа што тоа добро звучи, туку затоа што веруваме дека тоа е иднината на секој успешен бизнис“, нагласи г. Адеми.


Тој посочи дека, иако Еко Флуид постои само две години, компанијата веќе бележи значајни резултати. Преку воспоставениот систем се собрани и рециклирани над 1.300 тони отпадно масло , изградена е професионална инфраструктура во повеќе од 200 авто-сервиси , воспоставена е мрежа од над 500 партнери , а реализирани се повеќе од 60 едукативни настани .


„Сепак, ако ме прашате кој е нашиот најголем успех, тоа не се бројките. Најголемиот успех е што почнавме да ја менуваме свеста кај граѓаните и компаниите за важноста на правилното управување со отпадот и заедничката одговорност кон животната средина“, истакна Адеми.

Во своето излагање тој се осврна и на предизвиците со кои се соочува системот за управување со отпадни масла. Како клучни ги посочи недоволната информираност на дел од производителите и генераторите на отпад за нивните законски обврски, непостоењето на единствена дигитална платформа за регистрација и евиденција на производителите, нелојалната конкуренција од субјекти кои не ги исполнуваат законските обврски, недоволно ефикасната инспекциска контрола, како и потребата од уште поголема координација помеѓу институциите и сите учесници во системот.


Работилницата беше посветена на улогата на иновациите, дигитализацијата и зелените инвестиции во зајакнувањето на отпорноста на компаниите во услови на сè поизразени економски и геополитички предизвици. Форумот, организиран од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Стопанската комора на Северна Македонија и Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации , имаше за цел да поттикне дијалог и размена на искуства за тоа како одржливоста може да се претвори во извор на конкурентност, особено за македонските компании, извозниците и малите и средни претпријатија.


Со своето учество, Еко Флуид ја потврди својата посветеност кон развој на современ, транспарентен и ефикасен систем за управување со отпадни масла, заснован на принципите на одржливост, иновации и циркуларна економија.